
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ предмалку пристигна во Петриња, градот што денеска околу пладне делумно го разурна силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер.
„Ова е трагедија! Дел од граѓаните ќе мора да ги тргнеме, тука не е безбедно, тоа е јасно како ден. Знаеме дека загинало едно девојче, засега немаме други информации за жртви“, изјавил Пленковиќ.
Тој додал дека сите расположиви сили ќе бидат ставени на располагање и најавил реконструкција на градот.
Како што е досега објавено од страна на локалните медиуми, во потресот животот го загубило девојче на возраст од 12 години, кое најверојатно починало откако врз него паднал тврд предмет од некој објект, а има поголем број повредени.
Во градот, што се наоѓа на околу 45 километри југоисточно од хрватската престолнина, Загреб, оштетени се повеќе објекти, а на теренот е излезена и армијата со 300 свои припадници.
Веќе се појавија и првите видео материјали од епицентралното подрачје на потресот.