Тентоглу го одбрани златото во скок во далечина, седма титула европски првак за Перковиќ

Грчкиот атлетичар Митиадис Тентоглу го одбрани златото во скок во далечина на Европското првенство во Рим. Третото последователно злато на Eвропските првенства го освои со скок од 8.65 метри, што е и нов првенствен рекорд.
Покрај европските златни медали, Тентоглу во кариерата освои и олимписки и светски златни одличја. Сребрениот медал му припадна на Италијанецот Матија Фурлани, кој постави нов светски рекорд за јуниори со скок во првата серија од 8.38 метри. Трет беше Швајцарецот Сајмон Ехамер, кој со скок од 8.31 метри го освои бронзениот медал.
Хрватската атлетичарка Сандра Елкашевиќ го освои златниот медал во фрлање диск.. До својата седма титула европски првак стигна со фрлање уште во првата серија од 67.04 метри. Претходните шест титули ги освои под моминското презиме Перковиќ. Сребрениот медал го освои Холанѓанката Јоринде ван Клинкен со фрлање од 65.99 метри во последната, шеста серија. Со фрлање од 64,53 метри Португалката Лилијана Са стигна до бронзата.