Укинување на балансерот – Зибери бара да се најде друг инструмент

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе биде и програма на новата Влада, се предвидува укинување на Балансерот, инструментот кој овозможува и води сметка за правична и соодветна застапеност на етничката припадност во државните институции. Мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека укинувањето на Балансерот е препорака на Европската Унија.
Дебатата за укинување на Балансерот дојде како резултат на лажното изјаснување на етничката припадност од страна на граѓаните, со цел да се вработат. Покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ го оправдува укинувањето на балансерот соп тоа дека вработувањето не треба да се должи само на етничката припадност, туку да се даде приоритет на квалитетот на кандидатите, професионалноста и компетентноста.
Според Народниот правобранител, Насер Зибери, Балансерот одигра исклучително позитивна улога во подобрувањето на фер и соодветна застапеност на сите заедници, особено на Албанците. Истото, според него, треба да се унапреди или подобри, но не и целосно да се укине, бидејќи во спротивно ќе се наруши уставната норма за застапеност на сите заедници.
„Укинувањето или поништувањето на овој инструмент, без да се најде друг инструмент кој ќе биде ист или подобар, значи сериозна повреда на основната дефиниција и вредност на уставниот поредок која е уредена со член 8 од Уставот, став 2, во кој се вели дека државата се грижи за правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавниот сектор. Тоа би било сериозно кршење на Уставот и на Охридскиот договор“, вели Зибери.
Во меѓувреме, наскоро, Уставниот суд треба да одлучи по иницијативата на Антикорупциската комисија, која во јануари годинава поднесе претставки, бидејќи според нивната анализа вработувањето врз основа на етничка припадност, носи потенцијални ризици за корупција и трговија со влијание .
„Уставниот суд постапува по предметот У.бр.90/2024, кој е формиран по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата. Наскоро се очекува овој случај да биде решен на рочиштето“, велат од Уставен.
Балансерот треба да гарантира недискриминација на заедниците.
Суад Бајрами