Oдбележан Денот на Охридското Езеро

Триесетина волонтери веслајки на кајак и сул даски исчистија дел од плажите покрај Охридското Езеро. Тргнаа од Канео, преку Лабино, Градска Плажа и Стар Град, сакајки да ја подигнат свеста за заштита на езерото.Застануваа на секоја од плажите, го собираа отпадот во вреќи и потоа со нивните пловила го транспортираа на соодветни места.
„Ова е ѓубрето што го собрав само за половина час.Ако останиме цел ден кој знае што ќе собереме.Многу ѓубре има.Затоа сме собрани денес на Денот на Езерото, за да научат посебно младите дека треба да уживаат во езерото и дека треба да си го носат ѓубрето дома.Јас имам шампон, јогурт, сокчиња, шпаѓети.Ова не е од некаде паднато туку е донесено. Јаделе, пиеле и го оставиле.Треба само една ќеса и да го соберат“, рече Елизабета Мујоска- волонтер.
„Бидејки денес е Ден на Езерото, сакаме да му помогнеме да го исчистиме брегот и да уживаме“, изјави Марко Бимбилоски- волонтер.
Акцијата која беше во организација на СУП клубот од Охрид се организира петта година.
„На почетокот бевме помала група другари, познаници, а сега почнаа да се приклучуваат повеќе.Мислам дека од година во година ќе се крене свеста прво кај локалното наслеение, а после и од другите градови, кај туристите“, додава Владимир.
Денешниот 21 јуни, се одбележува како ден на Охридското Езеро. Годинава се одбележуваат 25 години и од потпишувањето на меморандумза заштита на езерото помеѓу Охрид, Струга и Подградец. И понатаму главен проблем покрај ниската еколошка свест за негова заштита, е нефункционалостра на колекторскиот систем, масовната урбанизација, дивоизградените објекти, како и испуштањето на нетретирани отпадни води, од реките притоки.
Мики Трајковски