Топлотниот бран не ги одврати граѓаните на Тетово да излезат во најтоплиот дел од денот
Топлотниот бран не ги одврати граѓаните на Тетово да излезат во најтоплиот дел од денот

И покрај препораките на институциите да не се движат од 11 до 15 часот, кога сончевата топлина е преголема, на улиците на Тетово, сепак, има и движења на повозрасни лица. Сепак, ова не поминува без последици!
Лекарите од Итната помош велат дека деновиве имаат зголемен број на повици и тоа од постари лица.
„Доста е зголемен процентот на случаи кои се јавуваат во брзата помош во Тетово . Обично доаѓаат со истите проблеми, а тука влегуваат повозрасната група граѓани, бремените жени, дехидрирани деца и лица со хронични заболувања кои бараат помош во Брзата помош во Тетово“, рече Гент Незири, Брза помош Тетово.
Двојно е зголемен и бројот на пациенти на одделението за кардиоваскуларни болести.
„Високите температури во оваа портокалова фаза, која беше најавена со африканска жештина, дополнително ја комплицира клиничката состојба на пациентите. Нашите препораки за пациентите со кардиоваскуларни болести се да избегнуваат тешка физичка активност, изложување на сонце и да консумираат што е можно повеќе течности“, нагласи Валон Асани, Интервентна кардиологија Тетово.
Лекарите велат дека граѓаните не треба да земаат терапија на своја рака, бидејќи на овие високи температури, земањето терапија или лекови без препорака на лекар, може да ја влоши состојбата./Алсат.мк