Започнува постапка за утврдување на штета врз земјоделските култури

Многубројни се штетите што ги предизвика невремето со град во општина Гази Баба. Речиси сите земјоделски култури се уништени.
Приносот што земјоделците го очекуваа остана уништен по нивите. Очекуваат помош од општина Гази Баба и министерството за земјоделство.
„Бараме помош од државата, барем 50 или 60% да ни ги покрие трошоците, да ни плати половина од штетата, не велиме 100% , барем 50 до 60%. Овде имам 30 илјади евра штета и најмалку 15 да вратам, за да почнам со работа затоа што државата зависи и од селаните, ако не засадиме дињи, домати или лубеници цената ќе биде 100 денари за килограм“, вели еден земјоделец.
„Бараме општината да ни помогне, барем догодина да можеме повторно да засадиме, бидејќи нема каде да одиме, не сме вработени и ако ни помогнат ќе продолжиме со производството, а ако не, не знаеме што ќе правиме“, додаваат земјоделците.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски ги повика граѓаните штетите да ги пријават до архивата на општината.
„Ги повикувам земјоделците од општина Гази Баба во периодот од 25.06 (вторник) до 01.07 (понеделник) во временски период од 08:00-16:30 часот да поднесат барање до архивата на општината за констатирање на штетата и во втора фаза комисијата ќе излезе на увид за да состави записник и потоа предметите да ги достави до Комисијата за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди до Владата“, вели Стефковски.
Само во општина Гази Баба, за штети на земјоделските култури, во еден ден се пријавија 50-тина земјоделци кои чекаат да почнат постапките за проценка на штета.
Авни Тахири