
Расте загриженоста меѓу земјите членки на НАТО доколку по вториот круг од парламентарните избори во Франција в недела, екстремната десница стане дел од француската влада, пишува бриселскиот информативен портал „Еурактив“, пренесувајќи изјави на дипломати од Алијансата кои побарале анонимност.
Според нив, постои сериозна загриженост за ризиците што би ги предизвикало влегувањето на екстремно десничарскиот Национален фронт (НФ) во Владата на Франција, што би можело да резултира и со ослабување на француската поддршка за Киев во блиска иднина.
Дипломатите посочуваат дека водечки членки на НАТО сметаат оти НФ, кој потенцијално би можел да има главен збор во следната Влада или да дејствува како силно „блокирачко малцинство“ во француското Национално собрание по изборите в недела, може да ја доведе во прашање „иднината на влијанието на Франција во Алијансата“, имајќи ги предвид ставовите на партијата околу целите на Пактот и помошта за Украина.
Дополнителна загриженост поврзана со единството и континуитетот на помошта на НАТО за Украина предизвикуваат и се позачестените критики во некои сојузнички земји од Источна Европа на засиленото присуството на силите на Алијансата на нејзиното Источно крило.
Но, според дипломатите, за разлика од помалите земји членки, како Унгарија или Словачка, кои ја доведуваат во прашање поддршката за Украина, прифаќањето на таквата политика од страна на Париз би имало многу поголемо влијание врз НАТО, имајќи предвид дека Франција заедно со САД, Германија и Велика Британија, ја сочинува неформалната група позната како „Квад“, која го има главното влијание врз утврдувањето на долгорочната стратегија на Алијансата.