
Неизвесно е дали во првите 100 дена од работата на новата Влада ќе се зголеми минималната плата како што бараат синдикатите. Во програма на Владата нема ништо за тоа. Новиот министер за економија и труд Дурмиши, денеска вети дека минималната плата ќе биде првата точка за која ќе се разговара на првата средба со синдикатите, но не прецизираше кога би се одржал тој состанок. Прво требало да се запознае со работата на новото министерство.
Од ССМ веќе неколку пати апелираа до новата Влада наместо во март кога вообичаено се прави корекција, минималната плата од сегашните 367 евра да се зголеми на 450 евра најдоцна до крајот на септември. Велат дека во моментот во земјава има најнизок минималец во регионов, а граѓаните постојано се изложени на зголемени трошоци.
ССМ пресмета и дека на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот му се потреби над 1000 евра. Две минимални плати не се доволни за тие да се покријат.
Претходно за да се ублажи ударот од инфлацијата се носеа мерки, но тие не беа доволни затоа што цените пребрзо растеа. Последно, претходникот на министерот Дурмиши, Бектеши состави и листа на производи на кои маржата нема да им биде повисока од 10 отсто. Дали тука ќе има корекција Дурмиши рече дека за тоа ќе се разговара со коморите и ако има потреба ќе се направи.
Најави и ревизија во министерството за економија. На прашањето дали со тоа сака да провери како работел неговиот претходник Дурмиши одговори дека треба да има ревизијата затоа што не била направена од 2015 година.
Извор: Телма