
Селекторот на португалската репрезентација, Роберто Мартинез, очекува одличен четвртфинален натпревар против Франција на Европското Првенство и изјави дека публиката би требало да ужива во врвен фудбал од двете селекции.
Португалија се намачи со Словенија во осминафиналето, но успеа да ја елиминира во пенал-рулетот, а Мартинез вели дека мечот со „триколорите“ ќе биде сосема поинаков и се надева на победа за неговата селекција.
„Сите сакаме да играме убав фудбал, допадлив за око. Знам дека навивачите очекуваат од нас доминантна игра и многу голови, но работите не се одвиваат секогаш како што планираме. Франција ќе ни создаде многу проблеми, но и ние ним. Не барам перфектна игра, туку само максимална посветеност на секој дел од теренот.
Публиката се подготвува за мечот кој би требало да биде фудбалски спектакл. Ова е фазата кога паѓаат маските. Европското пренство е големата сцена и тука морате секогаш да го покажете најдоброто од вас. Се надевам дека ќе одиграме добар меч и на крајот сите заедно ќе се радуваме“, изјави Мартинез.
Португалија и Франција ќе се соочат во едно од двете големи четвртфинални дербија на континенталниот собир. Натпреварот е закажан за петти јули, со почеток во 21:00 часот.