
Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ја посетија Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Тие попладнево разговараа со дел од вработените и со директорот Игор Стојковски за проблемите со коишто се соочува Клиниката, по што истакнаа дека ќе бараат брзи решенија за граѓаните да имаат што е можно поквалитетна здравствена услуга.
За идната недела е договорен нов состанок, како што беше појаснето, за да се подготви специјален извештај и во Влада да се разговара за проблемите на Клиниката, особено околу дефицитот на кадар.
– Исто така поразговаравме и за тоа како можеме во што поскоро време да ги активираме амбулантите во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и во Битола.
И таму има одредени недостатоци на кадар, појасни министерот. Таравари истакна дека ќе инсистира да се дозволат вработувања, со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.
– За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри.
Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе треба месеци и години, додаде министерот.
Тој информираше дека денеска ќе го посети и Институтот за патологија, да види како стојат работите таму.
Во понеделник најави средба и со деканот на Медицинскиот факултет, бидејќи смета оти потребна е стратегија за специјализации.