
Денеска е ден на жалост во босанско-херцеговскиот ентитет на Федерацијата БиХ со што се одбележува годишнината од геноцидот во Сребреница.
Советот на министри на Босна и Херцеговина на владина седница два дена претходно, не постигна договор за одбележување на Ден на жалост на целата територија на земјата.
Во Обединетите Нации во Њујорк во 17 часот по средноевропско време, ќе се одржи комеморација по повод Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Во мај, Генералното собрание на Обединетите Нации усвои Резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.Во резолуцијата, меѓу другото, се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, што е забрането и со Кривичниот законик на БиХ.
Во Сребреница и околните области во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска (ВРС) убиле повеќе од 8300 Бошњаци.
Пред различни судови, повеќе од 50 лица се осудени за геноцид и воени злосторства во Сребреница, на вкупно 700 години затвор. Меѓу нив се поранешниот претседател на РС Радован Караџиќ и командантот на поранешната ВРС Ратко Младиќ, кои беа законски осудени на доживотен затвор во Хаг.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се наведува дека во јули 1995 година, во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на ОН, Армијата на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
Истиот суд ја прогласи Србија за виновна дека не го спречила геноцидот и дека ја прекршила обврската да ги казни сторителите на геноцидот.