Заев: Во 2021 носиме европски стандарди дома, сите во акција!

Ја испраќаме годината запаметена по светска пандемија која целосно ни го измени начинот на живеење, а со тоа и светогледот. Ќе ја паметиме како година на најголемата светска криза во новиот век. Старата поговорка вели „на мака се познаваат јунаците“ – така и оваа мака ни покажа многу јунаци на првата борбена линија, ама ни покажа и солидарност, човечност и нѐ потсети колку е важно да помагаме, наведува меѓу другото премиерот Зоран Заев во новогодишното обраќање до граѓаните.
Во исто време, изразувам сочувство за секој изгубен живот, а заедништвото во оваа борба нека им ја даде сета сила на семејствата кои претрпеа загуби, за да си го најдат мирот.
Идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата. Вакцините се можност да заштитиме животи и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот. Можност да ја надминеме оваа здравствена криза.
Сега погледот е кон Европската Унија. Нашето членство во нашата матична Унија нема друга алтернатива. Ништо нема да нѐ запре да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжуваме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи. На тој пат сме рамо до рамо сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите кои живеат во Северна Македонија.
Посакувам новата 2021 година да ни донесе надеж и извесност. Секој од нас да го направи најдоброто за подобра живеачка тука.
Од длабочината на моето срце ви посакувам среќна и успешна Нова 2021 Година!, порачува премиерот Зоран Заев.