ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски со бугарскиот премиер: Да се релаксираат односите и да гледаме кон иднината

Премиерот Христијан Мицкоски на последниот ден од Самитот на НАТО во Вашингтон објави дека имал можност накратко да разговара со бугарскиот технички премиер Димитар Главчев. Официјална средба меѓу нив не била планирана, но премиерот на социјалните мрежи објави дека ја искористил приликата да разговара со него за спорот меѓу земјите.

Advertisements

„Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите и истакнав дека треба да гледаме кон иднината и да ги искористиме можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето нови пречки нема да ги зближат двата народа и дека мора да се преземат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции“, рече Мицкоски.

Мицкоски објави и видео порака во која повторува дека добрососедството е двонасочна улица.

Иако тоа беше оставено како отворена можност, Мицкоски на маргините на оваа средба не оствари средба лице в лице со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој најави  дека ќе го постави прашањето за непочитување на Договорот од Преспа.

Самитот на НАТО, на кој се одбележа 75-годишнината од формирањето на Алијансата, заврши вчера. Главна тема беше продолжувањето на поддршката за Украина и инвестициите во одбранбениот сектор на земјите-членки.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button