Само четириесет институции поднеле извештај за спречување на корупцијата

Од стотици институции во земјава, само четириесет поднеле извештај за спречување на корупцијата за време на претходната влада. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи рече дека се разгледува можноста да се принудат институциите да достават ваков вид на извештај, со цел да се подобри борбата против корупцијата.
„Оваа иницијатива е поддржана од Амбасадата на САД и УСАИД, а сега сме во процес на разгледување на методологијата за да видиме зошто не функционира таму каде што не функционира и како можеме да ги убедиме институциите да го сфатат ова прашање многу сериозно. Но, ви кажав дека пред се ова се случува како недостаток на политичка волја што се забележува на секое поле во борбата против корупцијата. Имаме на хартија многу добри закони во овој поглед, но главниот проблем е во нивното неспроведување, бидејќи немало политичка волја навистина да се бориме против корупцијата“, рече Фетаи.
Овие коментари Фетаи ги даде за време на посетата на Гостивар, за која рече дека е општина со најголема транспарентност во земјата. В.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани најави и линија за пријавување на корупцијата на локално ниво.
„Една од идеите беше Општина Гостивар да воспостави директна телефонска линија за нашите граѓани да можат да пријавуваат корупција на локално ниво и за сите институции поврзани со општина Гостивар како и посебна службена е-пошта за пријавување на ваквите случаи. Разговаравме и за организирање дебата во септември со вицепремиерот и сите други засегнати страни поврзани со институциите”, вели Валбон Лимани В.Д. градоначалник на Општина Гостивар.
Со цел изготвување на план за борба против корупцијата, вицепремиерот Арбен Фетаи најави интензивирање на активностите со општините и другите институции.
Башким Сулејмани