Активни пожарите на планините Серта и на Огражден, повторно во функција ер тракторите на ДЗС

Во државата се уште се активни пожарите на планината Серта во Неготинско и во Штипско и на планината Огражден близу бугарската граница. Се интервенира од земја и од воздух при што покрај ангажирањето на армиски и на хеликоптери на МВР, по неколку месеци повторно се ставени во функција и Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување откако се надмина проблемот со пилотите.
Се уште гори на планината Серта во Неготинско, а Кризниот штаб на Општина Неготино синоќа излезе со препораки до домаќинствата во селата и во градот, задолжително да прават расчистување на тревните површини околу своите дворови, имотите и останатите подрачја.
– Апелираме до месното население за поголема ажурност , следење на упатствата и насоките од страна на МВР, да нема поголеми движења кон критичните места. Исто така, побарана е повторно до ЦУК и до ДЗС воздухопловна поддршка за утрешниот ден, за да би можело да се изврши побрзо локализирање на пожарите, информираа синоќа од Штабот за заштита и спасување при локалната самоуправа.
Ова општинско тело формирано откако избувна големиот пожар, синоќа одржа состанок, а членовите на штабот биле запознати со состојбите на терен од страна на претставници на ЦУК, ДЗС, МВР. Се најавува дека утрово повторно ќе се гасне од земја и од воздух.