
Глобалните стапки на вакцинација кај децата останаа под нивоата пред пандемијата минатата година, соопштија денеска Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), што предизвика загриженост кај експертите.
Во 2023 година, 84 проценти од децата на глобално ниво биле целосно вакцинирани против дифтерија, тетанус и пертусис или голема кашлица, тројна вакцинација која се смета за клучен показател за стапката на вакцинација на децата, пренесе ДПА.
Бројката претставува мало намалување во споредба со нивоата пред пандемијата регистрирани во 2019 година, се вели во извештајот.
Бројот на деца без ниту една доза од тривалентната вакцина се зголеми на 14,5 милиони минатата година, од 12,8 милиони пред почетокот на пандемијата, се вели во извештајот.
За време на пандемијата на Ковид-19, во многу места дојде дo одложувања и прекини во нивните програми за вакцинација.