
Владата останува херметички затворена за ребалансот на буџетот кој се очекува утре да се разгледува на седницата на влада. Детали не добивме од Министерството за финансии кое ја подготвува ревизијата на државната каса. Она што јавноста може да го знае од ребалансите на буџетот во изминатите години е дека се очекува да има кратење на капиталните инвестиции. Економскиот професор Абил Бауш рече дека оваа лоша практика се спроведува во последните две децении, каде се пренаменуваат средства за зголемување на платите и пензиите во државата.
„Во секој ребаланс на буџетот што се случува секој пат после 6-ти месец се кратат капиталните инвестиции. Најважниот дел со економскиот развој на една држава, нешто што никогаш не можевме да го надминеме е 40% реализација на капитални инвестиции. Посочија дека ќе бидат прераспределени во социјалните фондови, ќе се зголемат пензиите, ќе се зголемат и платите во некои административни сектори итн. Ова е неприроден начин на кој тие се обидуваат да направат корекција на економијата“, вели Бауш.
Но, Министерството за финансии има уште една важна работа, а тоа е подготовка на рамката за задолжување од 500 милиони евра од Унгарија. Според досегашните податоци кои премиерот Мицкоски ги обелодени, оваа зделка за заем од половина милијарда евра ќе значи финансиска стабилност на економијата: 250 милиони евра ќе бидат искористени како поддршка за економијата на државата, а уште 250 милиони евра да бидат наменети за општински инфраструктурни инвестиции. Економските експерти велат дека празнините што ќе останат по ребалансот ќе се обидат да го пополнат со задолжувањето од унгарската држава, кој даночните обврзници ќе го враќаат со каматна стапка од 3,25% за 12 години. Предлагаат децентрализација на буџетот кон општините за тие да бидат независни.
Аднан Ќаили