
Буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари (околу 520 милиони евра), рече денеска на прес-конференција министерката за финасии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека со анализите во министерството со кое раководи констатирано е дека има многу доспеани обврски, но обврски што не биле пријавувани.
„Скративме 20 милијарди во однос на прераспределба, каде имавме нереализирани ставки, дополнително 12 милијарди и со сигурност можам да потврдам дека има уште некои шест милијарди кои буџетскиот дефицит не можеше да ги поднесе во овој период. Треба да бидеме сериозни кон меѓународните финасиски институции. Имаме кредитен рејтинг како држава. Не смееме да го доведеме во прашање. Тоа е нешто што го планираме за следниот буџет, во кој ќе се дорасчистат сите доспеани обврски. Тој буџет ќе го подготвуваме сами, ќе има многу кратења, бидејќи голем дел од трошоците беа реализирани“, рече таа.