Собраниската седница за именување на заменик-министрите закажана за следниот вторник

За следниот вторник, 23 јули, во Собранието е закажана пленарна седница на која како точка на предложениот дневен ред е предлогот за именување на заменик-министри во Владата.
Ова следува откако премиерот Христијан Мицкоски како овластен предлагач ги достави до парламентот имињата на заменик-министрите со чиј избор и официјално ќе се комплетира владиниот кабинет.
Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз, кој е поранешен новинар, од заменик во локална самоуправа, сега е предложен за заменик во Министерството за надворешни работи. Долгогодишната пратеничка Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заменичка во Министерството за животна средина.
За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, кој е дипломиран економист, во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков, која, пак, oд 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Тој е магистер по право, има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.
Во Министерството за земјоделство заменик-министер ќе биде професорот Флакрон Беџети.