Осум активни пожари, во гаснењето вклучени и Армијата, полицијата и ДЗС

Осум активни пожари на територија на државата се регистрирани во последните 24 часа. Се уште е активен пожарот на планината Серта, над селата Драгоево и Селце. Три пожари има на територија на општина Чашка, кај селата Богомила и Ороше, кај селото Габровник и кај селата Јаболчиште и Дреново. Петтиот пожар е во општина Градско, кај селото Подлес, кој се простира и на територија во општина Росоман, кај село Сирково, пожар има и во општина Македонски Брод, кај селата Слатино и Грешница. Пожар има и во село Небрегово, во општина Долнени и кај село Бадилен, во општина Ново Село.
Полициски воздухоплов од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици и вчера дејствуваше во гаснењето на пожарот што избувна на планината Серта, меѓу штипските села Драгоево и Селце. При дејствувањето, во 26 налета се исфрлени 39 тони вода. Од МВР велат дека пожарот се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.