
Невремето во четвртокот во Скопје ja уништи 6 месечна работа на земјоделците. Она што остана по дождот и градот се уништени растенија и урнати оранжерии. На само неколку километри од главниот град, во Инџиково, позната како скопската градина, сите жители се земјоделци, кои летово претрпеа големи штети. Сепак, тие ги обвинуваат надлежните дека не знаат да се справат со вакви ситуации на елементарни непогоди. Енвер Ислами вели дека нивното семејство има огромни штети, но се чувствуваат незаштитено во овие случаи кога ниту осигурителните компании според законот не ги покриваат штетите за овие земјоделски култури.
„Засадивме над 165 оранжерии со секакви земјоделски култури, штетата е 100%. Еве оваа година ние како семејство вложивме над 40 илјади евра без да се смета трудот, очекувањата беа да заработиме над 120 илјади евра“, рече Енвер Ислами, земјоделец од Инџиково.
Жителите на Инџиково велат дека доколку до понеделник општинската комисија за проценка не излезе да ја документира материјалната штета што е направена, во вторник ќе тропнат на вратата на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стевкоски, кој неколку дена не им одговорил и не нашол време да се сретне со нив.
Со големите материјални штети, земјоделците велат дека нема да се опорават ниту следната година. Како последица на тоа, домашното производство ќе се намали бидејќи приносот на овие ниви го храни речиси целиот регион на Скопје. Тоа веќе два дена се чувствува на цените на пазарот на големо и во зелените чаршии на мало, каде пиперките и доматите поскапеа за 10-20 денари за килограм.
„Никој не доаѓа да ги слушне нашите поплаки, ни општината не доаѓа да ја процени штетата. Отидовме во општината, но никој не не сослуша. Двете партии од двата блока го бараат нашиот глас на изборите и сега ги снема сите и не доаѓаат да видат каква штета ни се случи од невремето и од градот“, вели Скендер Ислами, земјоделец од Инџиково.
На земјоделските површини на периферијата на Скопје, според жителите, вкупната штета од поројните дождови од пред неколку дена надмина половина милион евра. Стравуваат од нови врнежи кои ќе продолжат во текот на целата недела во попладневните часови.
Адриан Керими