ММА за средбата со ресорниот министер Андоновски и за надоместокот од кабелските оператори
ММА за средбата со ресорниот министер Андоновски и за надоместокот од кабелските оператори

Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици, ММА, ја информира јавноста дека оствари средба со ресорниот Министер за Дигитална Трансформација, г-дин Стефан Андоновски.
Како најголеми и највлијателни медиумски куќи во Македонија, му ја предочивме на министерот состојбата на медиумскиот пазар кој се соочува со огромни предизвици, но и непочитување на последните измени на Законот за АВМУ , член 141 и 141-а, со што националните ТВ станици се доведуваат во нерамноправна и подредена ситуација. Преку пластични примери го запознавме министерот Андоновски и за проблемот на галопирачката ТВ пиратерија на нашите но и странските ТВ програми како и за недоволно прецизирана медиумска регулатива полна со легални нелогичности.
Напоменавме дека Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се последните „црни дупки“ во Европа каде поголемиот дел од кабелските оператори ги преземаат нашите програми и истите ги продаваат на нашите гледачи, при тоа оставајќи нè без соодветен надоместок.
Оваа нивна пракса се коси со основните бизнис постулати, но истовремено крши и неколку закони кои се доста стриктни кон непочитувачите на истите.
Ја известуваме јавноста дека доколку и овој кабинет на нашето ресорно министерство, како што беше случај и со претходните, во разумен правен рок не ни ги обезбеди елементарните услови за работа на нашите медиумски компании, ние ќе бидеме принудени да преземеме соодветни чекори.