Одложено судењето за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, се чека на обвинение за Палевски
Одложено судењето за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, се чека на обвинение за Палевски

Кривичниот суд донесе одлука да го одложи одржувањето на главната расправа за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, откако обвинителството го побара тоа со цел да се спои постапката. Обвинителството пред некој ден соопшти дека е завршена истрагата за првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо, а по истекот на рокот за увид на одбраната во доказите ќе биде поднесен и обвинителен акт.
Имајќи го предвид добиениот предлог на обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, Кривичниот суд ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени. Судењето требаше да започне на 30 јули во вторник.
Одбраната на Палевски има рок од 15 дена да изврши увид во доказите. Истрагата за Палевски започна во средината на мај, кога беше екстрадиран од Турција. Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата.Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.