Тридневна жалост во Бразил, во тек е истрага за авионската несреќа во која загинаа 61 лице
Тридневна жалост во Бразил, во тек е истрага за авионската несреќа во која загинаа 61 лице

Патнички авион со 61 лице се урна вчера во Бразил, во близина на градот Сао Паоло. Никој не преживеа.
„Компанијата со жалење информира дека сите 61 лице на летот 2283 загинаа на местото на настанот“, се вели во соопштението на „Воепас“, ревидирајќи го бројот на загинати од првичната проценка од 62 загинати.
Во авионот имало 57 патници и четворица членови на екипажот. Сите патници имале бразилски документи, изјавија претставници на авиокомпанијата, иако се уште не се знае дали некој има двојно државјанство.
Авионот удрил во неколку куќи кога се урнал, но никој на земјата не е повреден, изјавија градските власти за Си-Ен-Ен.
Летот го напуштил Каскавел и бил на пат кон Гуаруљос, во државата Сао Паоло, кога го изгубил сигналот непосредно пред 13:30 часот по локално време, според „Флајтрадар24“. Последниот пренос на податоци од авионот бил во 13:22 часот по локално време.
Засега нема информации што ја предизвикало несреќата, изјави извршниот директор на „Воепас“, Едуардо Буш на прес-конференција.
„Целиот тим беше компетентен. Очекуваме пристап до сите комуникации меѓу пилотот и контролната кула за да разбереме што се случило.
Додаде дека авионот има две црни кутии, а државата две висококвалификувани лаборатории за нивна анализа.
Медицински тим е на лице место и работи на идентификување на жртвите, од кои многумина се премногу изгорени за да можат визуелно да се идентификуваат, изјави на прес-конференција министерот за безбедност на Сао Паоло, Гилерме Дерите.
За да помогнат во идентификувањето на телата, од семејствата е побарано да ги споделат медицинските досиеја на жртвите „како што се радиолошки, медицински и/или стоматолошки прегледи“, се вели во соопштението.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва повика на едноминутно молчење и прогласи тридневна жалост.
Претставниците на „Воепас“ рекоа дека компанијата го помина попладнето обезбедувајќи хотели и психолози за семејствата на жртвите и поддршка. Градското собрание на Винхедо во петокот објави дека чека тим од бразилските воздухопловни сили ќе започне со истрага за причините за несреќата.
Бригадникот Марсело Морено, кој ја предводи бразилската агенција за воздушни несреќи ЦЕНИПА, на прес-конференција рече дека екипажот на авионот не пријавил никакви итни случаи пред падот.