
Десет дена по именувањето, Владата ќе ја разреши Афрона Верзиволи од позицијата Главен ревизор за програмата за европски фондови ИПА. Иако Владата не ги појаснува причините за нејзиното разрешување, од ВРЕДИ истакнуваат дека тие самите го повлекоа нејзиното назначување и ги отфрлаат гласините дека таа нема доволно професионална подготовка за извршување на оваа задача.
Владата најавува дека утре ќе го разреши главниот ревизор на ИПА фондовите, Афрона Верзиволи, по реакциите во јавноста дека не ги исполнува условите за вршење на оваа функција. Во соопштението на Владата, причините за разрешување не се откриваат.
„Ја информираме јавноста дека новоназначената Афрона Верзиволи утре ќе биде разрешена од позицијата ревизор на ИПА фондовите. Истовремено, нагласуваме дека е неопходно да се обрне внимание на отворената злоупотреба на парите од ЕУ, и на средствата што беа ставени на располагање, а кои беа присутни во изминатиот период, а за кои има и пишани траги и известувања од Европската антикорупциска канцеларија, кои поради таквата работа бараат државата да плати неколку милиони евра”, велат од Влада на РСМ.
Од коалицијата ВРЕДИ истакнаа дека тие самите го повлекле назначувањето на Верзиволи, иако според нив таа има одлична биографија и значително професионално искуство.
„Оваа одлука е донесена за да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја исполнува својата обврска за добивање на сертификатот. Понатаму, сметаме дека е од суштинско значење да се обрне внимание на истражувањето и откривањето на злоупотребите на фондовите на ЕУ кои се случиле во минатото. Овие злоупотреби не само што оставија свој белег врз документацијата, туку ја натераа и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) да побара враќање на неколку милиони евра од државата“, велат од Вреди.
Претходно, СДСМ упати критики и до власта за назначување на неквалификувани кадри.
„За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на прво место е послушноста и партиската припадност, а квалификациите се на последно место. Оваа политика ги обесхрабрува граѓаните и професионалците кои ја губат довербата во институцијата и бараат работа во странство. Не е изненадување што Владата е катастрофа, со вакви политики на кадри не може да се очекува повеќе“, велат од СДСМ.
Пред неколку дена Антикорупциска отвори предмет за именување на Верзиволи откако до нив пристигнал анонимен поднесок, дека на позицијата главен ревизор на фондовите на ЕУ е поставено несоодветно лице. Неофицијално, и Делегацијата на Европската Унија испитуваше дали Владата поставила соодветен кадар на оваа позиција.
Ревизорското тело на ИПА фондовите е надворешно и независно тело, кое е одговорно за контрола и давање мислење за управувањето и трошењето на средствата кои Европската Унија ги обезбедува за државата преку ИПА програмата. Ова тело е одговорно и за точноста и автентичноста на годишните финансиски извештаи за законитоста и редовноста на трансакциите.
Претходно, оваа функција ја извршуваше Адем Цури.
Alsat.mk