Уапсен прилепчанец за подметнување пожар

Полицијата приведе уште едно лице осомничено за подметнување на шумски пожари, а станува збор за 29-годишен маж од прилепското село Канатларци, против кого ќе биде поднесена и кривична пријава.
„Тој се сомничи дека околу 19.00 часот кај место викано „Корија“ во атарот на село Канатларци предизвикал пожар во кој горела сува трева. Пожарот бил изгаснат од екипа на територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема“, велат од МВР.
29-годишникот се сомничи за „предизвикување шумски пожар“, што согласно член 227 од Кривичниот законик, предвидува казна затвор од најмалку осум години доколку настапи пожар од поголеми размери. Состојбата со огнените стихии во земјава пак и натаму е сериозна, а денеска според информациите на Центарот за управување со кризи активни се 10 пожари. И натаму гори мешана шума во село Негрово во Пехчевско, а активни се и пожарите во близина на Македонски Брод и Галичица кои беснеат со денови.
Во последните 24 часа пак, регистрирани се вкупно 37 пожари на отворено, шест се ставени под контрола, а 21 се целосно изгаснати.
„Активни се пожарите во Општина Македонски Брод, Пехчево, Новаци, Ресен, четирите пожари на територија на Општина Кичево, пожарот во Општина Пласница и Општина Кочани. Во пожарите кои се активни гори борова, дабова, букова и мешана шума, како и нискостеблеста вегетација. Под контрола се шест пожари – во Општина Неготино, Демир Хисар и Охрид, Чашка, Делчево, Липково и Кочани“, наведуваат од ЦУК.
Во рамките на акцијата „Пожар 2024“, полициските власти од 17 јули па наваму во осум наврати реагирале во врска со пиромани кои подметнувале пожари на отворено. Против повеќето од нив се поднесени кривични пријави, а пред два дена обвинителството определи и осумдневен притвор за три лица кои предизвикале пожар на 9 август во скопското село Патишка Река.
Михаило Донев