Постигната Предлог – спогодба за затворска казна и забрана за вршење професија, дејност или должност

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска склучи Предлог – спогодба со осомничениот Н.Г. за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.7 в.в. ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик. Потпишувајќи ја предлог – спогодбата осомничениот Н.Г. не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор. Воедно, бидејќи ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело.