Судскиот совет на итна седница го разреши осудениот судија Наќе Георгиев

На итна седница претпладнево, Судскиот совет донесе одлука за разрешување на осудениот врховен судија Наќе Георгиев кој доби затворска казна во траење од три години за примање мито. Претседателката на советот, Весна Дамева, рече дека по докажувањето вина кај Георгиев се докажало дека никој, ниту судија од највисоката судска инстанца не може да пркоси на фактите и доказите, без разлика што тој претходно ја негирал одговорноста.
„Граѓаните да се одважуваат и пријавуваат до Судскиот совет и до другите надлежни органи секое коруптивно дејствие преземено од страна на судија. Секој случај кога судија лично или преку посредник ќе им побара поткуп или било какво дејствие или, пак, услуга заради влијание или донесување на судска одлука“, изјави Дамева.
Таа порача и дека не смее да се дозволи поединци како Георгиев да ја уриваат сликата за целото судство и оти се преземеаат чекори јавноста и граѓаните да видат дека Судскиот совет работи и дека нема да дозволи ваквите судии да останат дел од системот.