Левица: Одењето по невеста е причина повеќе ДПМНЕ да ја изгласа интерпелацијата за Гаши

Скандал се случи викендов кога претседателот на Собранието, Африм Гаши, со службено возило и државно обезбедување одел на свадба во Косово, а за сопствените приватни потреби го блокирал целиот граничен премин, реагираат од опозициската партија Левица.
Во реакцијата се додава:
„Функционерските привилегии се стимулатор на расипничко однесување на функционерите, без разлика дали се избрани или именувани. Нивната секојдневна злоупотреба беше извор на проблеми во претходната Влада, но истото продолжуваат да го прават и функционерите од новиот владин состав.
Дивеењето на коалицискиот партнер на Мицкоски и ДПМНЕ е евидентно уште од конститутивната седница! За збеснатиот Гаши, Левица веќе поднесе интерпелација во Собранието по седум точки и истата чекаме да биде ставена на дневен ред. Бланко – поддршката за избор на претседател на Собранието од редовите на ДПМНЕ останува.
Потсетуваме и дека пред само неколку недели, обезбедувањето на Гаши впери пиштол во полициски службеник на скопскиот аеродром“, наведуваат од Левица.
Од СДСМ денеска побараа МВР да објави, ако постојат, патни налози за посетата на Гаши на Косово.