Гаши бил по невеста во Косово поради обичаите, велат од „Вреди“, но морал со службени автомобили и обезбедување

Не гледам ништо лошо во свадбените обичаи на еден народ, рече портпаролот на владејачката коалиција „Вреди“, Фари Исени, откако денеска му беше поставено прашањето – дали претседателот на Собранието, Африм Гаши, морал со службени возила и обезбедување да оди во колона заедно со други приватни возила по невеста во Косово.
Портпаролот на „Вреди“ рече дека нема информации дали на колоната на Гаши ѝ се придружиле и приватни возила, но смета дека формирањето колона возила што одат по невестата е дел од свадбените обичаите.
„Ваквите ситуации во кои редица возила одат по невестата е дел од обичаите што на секоја свадба, албанска или македонска, се спроведуваат. Не гледам нешто лошо да се спроведе конкретен обичај на еден народ“, рече Исени.
Според „Вреди“, собранискиот спикер Гаши нема избор и мора секаде да оди со службено обезбедување.
„Станува збор за второ лице на државата. Законските прописи го регулираат тој момент. Претседателот на Собранието, каде и да отиде, неопходно е да биде во придружба на обезбедувањето. Така што и во конкретниот случај самата постапка не е надвор од законските и е во хармонија со тој стандард“, тврди Исени.
На прашањето дали Гаши за одењето по невеста имал патен налог и што пишува во него, Исени одговори дека тоа не е нивна одговорност.
„Ние сме политичка партија и мислам дека не може да земеме одговорност дали користел патен налог или не. Тука е МВР како надлежна институција да го истражи целиот настан и да се докаже дали тоа е точно“, рече тој.