Освен за странски јазици, учебници на 1 септември ќе има, рече министерката Јаневска

Освен учебниците за странски јазици, по сите други предмети учебници ќе има во училиштата на почетокот на учебната година, повтори денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во однос на контролата во високото образование, за што со одлука на Владата ќе се основа посебно тело, Јаневска информираше дека тоа се формира и дека од Просветниот инспекторат веќе е побаран увид во работата на неколку универзитети.
-Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сѐ уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите. Повторувам дека ќе нема учебници по странски јазици, не по вина на оваа Влада, туку по вина на претходната Влада, затоа што тендерот е поништен и сѐ уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, да ја чекаме да заврши таа процедура. Другото, се надевам ќе биде сѐ во ред, изјави Јаневска.