
„Отворено да ви кажам многу тешко. На крајот сме со силите“, велат лекарите од детското одделение во Струга, кои дневно прегледуваат и по 120 пациенти.
Причина за ваквата ситуација е нерешавањето на проблемот со детското одделение во Охрид кое три години работи како обична амбуланта. Поради тоа во ноќните часови, за време на празници и викенди кога не работи педијатрија во Охрид, или пак хоспитализација, охриѓани патуваат до Струга. Дополнително, во текот на летото ги опслужуваат и туристите и печалбарите од странство.
„Отворено да ви кажам многу тешко.На крај сме од силите. Четири града мигрираат овде, Охрид, Струга, Ресен, Дебар плус туристите.Така да навистина е неиздржливо особено во ноќните смени, кога имаме од 50 до 70 пациенти. И ние самите се чудиме како го издржуваме ова темпо на работа. И ние и средно медицинскиот персонал не можеме да користиме одмор. Навистина е многу тешко и веќе неиздржливо“, вели Влатко Мицкоски, раководител на детско одделение во Струга.
И Струга се соочува со опасност да ја снајде истата судбина како Охрид. Од пет педијатри, тројца се пред пензија.
„Јас треба во октомври да си одам, другата колешка догодина, така да ќе останат уште двајца колеги тука. Ова е проблем кој датира веќе три години. Ова е четврта година. И никој не се ангажира да го реши овој проблем, барем во летните месеци, кога е неиздржливо. Треба самите министри да направат трансфер барем во летниот периоид на педијатри од други градови. Може од клиника или од Козле, во летните месеци да се пуштаат кај нас“, додава Мицковски.
Мицкоски вели дека едно од решенијата е детските одделенија во Охрид и Струга да се спојат во едно. Тоа ќе му го предложат и на министерот за здравство Таравари. Дека за сега не се глед крај на проблемот ниту со детското одделение во Охрид, признава и директорот на болницата, Маркоски.
„Во моментов детското одделение функционира со тројца педијатри. Покрај раководителот на одделението кој за неколку месеци е пред исполнување на условите за пензија,на одделението има уште две други докторки кои работат во прва и втора смена. Со ваков капацитет е многу тешко да се размислува за воведување на дежурства. Моментално на специјализација за педијатрија има 5 доктори кои се вработени во болницата”, рече Горан Маркоски, директор на Општа болница Охрид.
Иако до сега се сменија неколку министри за здравство, ниту еден од нив не го реши проблемот, иако секој доаѓаше со ветување за решение.
Мики Трајковски