Експертите предупредуваат – распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не е добра идеја

Распуштањето на Судскиот совет и на обвинителите не е добра идеја, бидејќи може да се создаде преседан секоја идна влада да бара распуштање на овие совети, кои се независни од извршната власт. Вака оценува Ивана Петковска од коалицијата „Сите за правично судење“, околу најавите на власта за реформи во судството.
Најавата на премиерот Христијан Мицкоски за распуштање на советите веќе неколку месеци е главна тема за реформите во судството, за кои тој се судри со меѓународниот фактор, бидејќи не прифаќаат таков предлог. За оваа работа Мицкоски вчера разговараше со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Тој денеска уште еднаш повтори дека ќе ја спроведе програмата со која се предвидува распуштање на двата Совета, но сепак е подготвен да слушне и други предлози.
Судството и понатаму е во центарот на критиките поради нискиот степен на доверба кај граѓаните. Случајот со врховниот судија Наќе Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои се изјаснија за виновни за примање поткуп за да се влијае врз предмет, предизвика остри реакции. Мемети наместо затвор е осуден на условна, а Георгиев на 3 години затвор.
Суад Бајрами