Двајцата осомничени за убиството кај „Мавровка“ се осуденици побегнати од затвор

Двајцата осомничени за убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје се осуденици кои побегнале од затвор. Информацијата, на прашања на „360 степени“, ја потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Првоосомничениот за убиството на Васил Е., 39-годишниот Е.К., кому вчера Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, бил затвореник во „Идризово“. Оттаму побегнал на 15 април годинава. Во моментот на неговото бегство директор на затворот е Зоран Јовановски, кој е сè уште на оваа позиција.
Второосомничениот за случајот, А.К., кој вчера сам ѝ се предаде на полицијата, како што информираат од МВР, престојувал во затворот „Скопје“ во Шутот Оризари, а оттаму избегал пред точно еден месец, на 22 јули годинава.
Бегството на А.К. се случило во период кога со затворот „Скопје“ сè уште раководел Филип Андов-Сокол. Актуелниот в.д. директор Бобан Утковски е назначен на функцијата два дена по бегството на А.К..
Инаку, двајцата бегалци се барале по централна потерница распишана од МВР на денот на нивното бегство.