Свечено отворени 63-те Струшки вечери на поезијата, а “Т’га за југ” годинава за прв пат прочитана од Брајово писмо
Свечено отворени 63-те Струшки вечери на поезијата, а “Т’га за југ” годинава за прв пат прочитана од Брајово писмо

Дваесет и пет странски поети и педесеттина од Македонија во наредните неколку дена ќе бидат дел од 63-те Струшки вечери на поезијата. Градот ќе пулсира во знакот на поезијата се до недела, кога официјално на годинешниот лауреат францускиот поет Жан Пјер Сименон ќе му биде доделена наградата Златен венец.
„Струшките вечери на поезијата“ во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот. Во својата порака лауреатот вели: „Поезијата е, всушност, одбрана на целото човештво против оние што го поседуваат и владеат со светот. Свет кој секојдневно е исполнет со убиства, масакри, деструкции“, рече Веле Смилески-поет.
„Слободно можеме да констатираме дека оваа манифестација има глобално значење, почитувана е и верификувана од светска културна јавност. Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури“, рече Зоран Љутков-министер за култура.
Почетокот на фестивалот беше означен со читање на песната Тга за југ од Константин Миладинов, на македонски, албански и на француски јазик. По повод 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат “Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо./Алсат.мк
Мики Трајковски