ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Партиите меѓусебно се обвинуваат за бегството на Рамадани

Партиите меѓусебно се обвинуваат за бегството на Рамадани

Бегството на Блерим Рамадани е едно од главните прашања за кои политичките партии меѓусебно се обвинуваат за одговорност и мешање во правосудните органи. Опозициската СДСМ, во екот на секојдневните обвинувања, нагласува дека бегството на Рамадани го организирале структури на МВР и за ова треба да бидат разрешени министерот Панче Тошковски и началникот на границата со Косово, Наим Рамука. Според нив, Рамадани пред да избега, под организација на Рамука, бил одведен од домашен притвор и испратен на Косово, а потоа вратен.

Advertisements

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, која обвинува дека СДСМ се обидува да го спаси судијата Пајазит Пајазити, кој ефективниот притвор на Рамадани го замени со домашен притвор. Премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата и го повика Обвинителството да отвори истрага.

„Дали конкретно Меџити, но и Таравари, Касами, Гаши, Ќоку се согласуваат со ВМРО ДПМНЕ дека судијата Пајазит Пајазити е одговорен за бегството? Дали сметаат дека одговорноста е на МВР? Како Меџити, но и Таравари, Касами, Гаши, Ќоку ја коментираат одлуката на Врховниот суд со која се налага сите војници на Ослободителната војска на Косово да бидат екстрадирани во Србија?“, велат од ДУИ.

Од ВЛЕН потенцираат дека од ДУИ им даваат лажни информации на СДСМ за случајот Рамадани.

„Бидејќи криминализираното раководство на ДУИ се обиде да обезбеди екстрадиција на Блерим Рамадани во Србија за да создаде тензија и да го обвини ВЛЕН за предавство, сега им сервира лажни информации на СДСМ. Очајот за медиумско внимание си го прави своето. Сметаат дека со вакви наводно бомбастични признанија ќе ги покријат своите внатрешни слабости. Затоа им порачуваме на СДСМ и ДУИ да не се однесуваат по онаа изрека „гладна кокошка просо сонува“. Нека ја чекаат конечната одлука на судовите за екстрадиција пред да излезат со апсурдни тврдења“, велат од ВЛЕН.

Судијата Пајазити изминатиов период беше мета на политичките партии. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека е близок до власта на ДУИ и СДСМ. Судството континуирано е мета на критики за партизација, за што се бараат реформи./Алсат.мк

Суад Бајрами

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button