Интервју со директорот на национални шуми, Здравко Трајанов
Интервју со директорот на национални шуми, Здравко Трајанов

Со новиот директор на „Национални шуми“ Здравко Трајанов зборуваме за проблемите со исплатата на плати во претпријатието, како и за наводите за злоупотреби и коруптивни активности во текот на изминатите години. Трајанов вели дека претпријатието го затекнал во анархија, вели дека со ребалансот на буџетот се обезбедени средства за исплата на плати на околу 2.000 вработени кои четири месеци беа без примања, а објаснува и дел од шемата преку која претпријатието било доведено до овој степен. Трајанов вели дека надлежните органи веќе вршат проверки во Национални Шуми и потенцираше дека ќе се бара одговорност за направените злоупотреби.
Директоре можеме да кажеме дека вчера еве имавме една убава вест дека по четири месеци вработените ќе добијат плата, пари обезбедени со ребалансот на буџетот, претходно четири месеци вработените не земаа плата, кажете ми за која сума стнаува збор, колку тежат платите на овие вработени и според вашите информации зошто е доведено претпријатието во една ваква состојба, на кој начин се правела таа шема на злоупотреби за вработените да не земаат плати од претходното раководство, постоела ли некоја шема, дали имате информации во врска со тоа?
Владата одвои 250 милиони денари за исплата на заостантите плати во ЈП Национални шуми и овде користам прилика да изразам голема благодарност што влеговме во ребалансот за вработените да можат да си ги добијат своите пари кои си ги имаат заработено, заслужено, но за жал некој претходно не им ги исплатил, односно тие пари останале да лебдат во системот како обврска, меѓутоа плати без прикритие, односно без производство за да можеме сами да ги сервисираме тие плати. Станува збор за сериозна сума на средства, ние сме секако големи јавно претпријатие, меѓу најголемите во државата и наш врвен интерес е да си ја завршиме работата согласно устав и согласно закон. За жал, тоа што го затекнавме во претпријатието беше хаос, анархија и многу работи оставени на стихија, тоа можеби претставуваше најголем проблем кога стапив јас како генерален директор на ова претпријатие, заменикот, помошниците и така натаму, сите во тимот кои учествуваме во новото менаџирање на ова претпријатие, затоа што наследивме ситуација кадешто буквално многу, многу работи не функционираа и тоа ни претставува и ден денес сериозен проблем и инпут како понатаму да функционира ова претпријатие, затоа што ваков голем систем со ваква голема бројка на вработени, јавното претпријатие ако го оставите без да се менаџира, а тоа било направено, понатаму е многу тешко за функционирање. Ќе ви кажам неколку примери како се дошло до оваа ситуација. Прво многу несериозност во однос на многу дејанија пред изборите. Значи тука не би навлегувал во тие партиски кавги меѓу тогашните коалициони партнери кои се одразиле врз работата на претпријатието, но потезите кои директно се повлечени се многу далекусежни и ден денеска ги чувствуваме тие последици. Традиционално во ова претпријатие се примаат сезонски работници на определено време за сеча, дотур, утовар, растовар, значи работници кои ќе помогнат во процесот на производство. Оваа година, наместо тоа да се направи, се оставаат овие луѓе на страна, не се зимаат во предвид за да се земат во работниот процес туку на нивно место верувале или не се прима само администрација. И тука е направена една од тие злоупотреби за кои зборував и претходно во јавноста затоа што недозволиво е претпријатието да го оставите оваа година без производство, од сопствени работници, а од друга страна, да примате администрација со цел пред избори да добиете партиски поени или глас повеќе.
Дали тоа значи дека полицијата веќе проверува во претпријатието за овие злоупотреби, како што рече и премиерот дека надлежните органи веќе вршат истраги и дека се во тек тие проверки за она што се случувало со претходното раководство?
Не е само полицијата, значи затоа ја повикавме и ревизијата длабоко да направи скенирање на состојбата во претпријатието. Тука од голема корист ни се и државниот инспекторат за шумарство и тие секогаш ревносно, на секоја наша дојава излегуваат на терен, констатираат фактичка состојба. Тука секако е и полицијата, во однос на секојдневното работење, веќе имаме и ситуации кадешто се гледаат камиони без испратница, се гледа сечиште без контрола, кадешто имаме многу девијантни појави кои едноставно ги процесуираме и согласно закон ќе бараме до крај истите да се истражат и да добијат соодветен судски епилог. Повторно ќе кажам, во интерес на шумарството во интерес на државата и на никој повеќе да не му текне да се занимава со едни вакви криминални дејанија.
Тоа значи дека ќе се борите сето она што се работело во минатото да не помине неказнето, односно ќе барате одговорност, така?
Се она што не е во согласност со законот ние ќе бараме одговорност и ќе бараме да биде казнливо и да добие судски епилог. Не сакаме од целото ова да правиме сензација, да предвреме излегуваме со изјава вака било, онака било, туку ќе оставиме на органите на прогонот пред се јавното обвинителство нормално и МВР како сервис на јавното обвинителство да си ги водат истрагите, ние ги водиме истрагите до одредено ниво ги процесуираме, и понатаму органите нека си соодветно направат свои нели поднесоци и на крајот судот е тој што ќе одлучи или нема криминал.