
Без конечен договор заврши рундата преговори на високо ниво во Каиро на која требаше да се постигне договор за прекин на огнот и размена на заложници за привремено ставање крај на 10-месечната војна Израел-Хамас во Газа, изјави американски официјален претставник.
Разговорите ќе продолжат на пониски нивоа во наредните денови во обид да се премостат разликите.
Официјалниот американски претставник, кој побара да остане анонимен, истакна дека „работните тимови“ од пониско ниво ќе останат во Каиро за да се сретнат со посредниците од САД, Катар и Египет со надеж дека ќе се решат преостанатите несогласувања.
Според него неодамнешните разговори, кои започнаа во четвртокот во Каиро и продолжија до недела, биле „конструктивни“ и додаде дека сите страни работат на „постигнување конечен и спроведлив договор“.