Во домот на АРМ, традиционално по 22-ри пат се одржа голема крводарителска акција

Интересот за дарување на крв од година во година расте, а во Северна Македонија поголем интерес за крводарителство има кај машката популација, но преку најразлични програми докторите се обидуваат да ги мотивираат и жените да бидат поактивни во овој дел. За тоа пак од која крвна група во земјава има најмногу потреба докторите велат дека тоа најмногу зависи за кој период од годината се работи, но генерално потребата секогаш е поголема од оние кои имаат негативна крвна група.
– Во овој период за нула позитив се поголеми потребите на пациентите, меѓутоа генерално кога сме кај самите резерви на крв, морам да нагласам дека процентот на дарување на крв кај оние што се со негативна крва група е секако помал за разлика од другите, така да знае да се случи да тие негативни крвни групи се попобарувани и нивната залиха е помала, рече Ефтим Димитровски од Институт за трансфузија на медицина Скопје.
Црвениот крст со години преку најразлични слогани ги мотивира граѓаните да даруваат крв, укажувајќи на значењето од овој чин во битката за спасување на животи, па така земјава децении наназад се организираат бројни помали и поголеми крводарителски акции. Сепак, потребата од дарување и натаму е голема.
„Потребата од крводарителски акции е огромна затоа што сето тоа овозможува да се спасат многу човечки животи, интересот кај младите луѓе се забележува дека е на едно солидно ниво, но нели секогаш може да биде подобро и секогаш треба сето тоа да се унапредува преку најразлични кампањи и слично коишто би биле организирани во иднина“, рече Веселинка Цветановска, самостоен стручен соработник за крводарителство и здравствена превентивна дејност на ЦКРСМ
– Општинска организација Центар.
Токму една таква поголема крводарителска акција во Домот на АРМ во Скопје се организираше и денеска и тоа по повод празникот Успение на Пресвета Богордица, а од Црвениот Крст велат дека во текот на денешниот ден се очекуваат од 200 до 250 крводарители. Оваа акција годинава се одржува по 22-ри пат, а во текот на досегашните акции се регистрирани 4509 дарувања на крв, што значи дека во просек околу 214 граѓани на овој празник ја покажуваат својата хуманост на дело.
Михаило Донев