На тројца членови на Судскиот совет до крајот на годинава им истекува редовниот шестгодишен мандат

Додека трае расправата дали е разумно или не да се распушти Судскиот совет, до крајот на годинава на тројца членови на Советот им истекува редовниот шестгодишен мандат. Имено, на Сашко Георгиев во септември, додека на Лорета Георгиева и Мирсад Сурои во декември. Доколку владата не се откаже од идејата за распуштање на актуелниот состав на Советот, за што континуирано е критикувана од експертите и од меѓународниот фактор, телото кое брои 13 члена без да ги смета министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, ќе треба да се обнови со нови членови во текот на следната година.
Ова, можеби, е препораката на експертите, Советот да се реформира со обновување со нови кадри. Така, на 9 јули 2025 година му завршува мандатот на Милазим Мустафа, додека во декември на двете најдискутирани фигури во Судскиот совет, претседателката Весна Дамева и членот кој го извршува вториот мандат, Селим Адеми.
Мандатот на седмиот член од сегашниот состав завршува на почетокот на 2026 година, додека на крајот на оваа година и завршува мандатот и на Павлина Црвенковска. На крајот на 2027 година завршува и мандатот на Тања Чачаровска Илиевска, додека во септември 2029 година на Антоанета Димовска. На двајцата новоизбрани членови Исамедин Лимани и Александар Камбовски мандатот им завршува во 2030 година.
Според законот, на членовите на советот може да им престане мандатот и по неколку други основи, како на пример, по нивно барање, ако е разрешен од функцијата судија според закон или ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело. Основа за престанок на мандатот е и доколку се утврди трајна спреченост за вршење на функцијата и ако е избран на друга функција или професија.
Според Законот за Судски совет, во составот на Советот мора да има 8 члена од редовите на судиите, од кои 3 од немнозинските заедници во државата. Останатите 5 ги избира Собранието и претседателот. Имено, 3 македонското собрание со мнозинство гласови, а во меѓувреме уште двајца претседателот, но ги гласа Собранието.
Инаку, Судскиот совет, во континуитет е мета на критики поради политизација. Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати, но и во владината програма ветува распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители откако го загубија кредибилитетот кај граѓаните. Во програмата пишува дека Владата ќе иницира и измени на Уставот во делот на регулирање на составот на советите, при што ќе се бара да се избираат членови од редот на судиите и обвинителите. Со ова не се согласуваат амбасадорите на ЕУ и на САД, кои на оваа мерка гледаат директна интервенција на извршната власт во судството. И во последниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во земјава се нагласува дека со ваквата постапка власта би ја нарушила независноста на органите кои ја надгледуваат работата на судиите и обвинителите.
Суад Бајрами