
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска апелираше до западните сојузници на Украина да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје што ќе им овозможи на нејзините вооружени сили да напаѓаат цели во Русија.
САД ја ограничуваат употребата на балистички ракети со долг дострел што ѝ ги доставуваат на Украина, како и некои членки на ЕУ. Украина очајно сака да ги гаѓа аеродромите и другите воени објекти во Русија кои се користат за напади врз нејзините вооружени сили и цивили.
„Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право. Оружјето што и го даваме на Украина мора да биде целосно искористено, а ограничувањата мора да бидат укинати за да можат Украинците да ги таргетираат местата каде Русија ги бомбардира. Во спротивно, оружјето е бескорисно“, изјави Борел за новинарите во Брисел.