
Македонскиот прволигаш Шкупи забележа нов пораз во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а само неколку часа по неуспехот во Кратово објави нова разочарувачка вест за своите фанови.
Стоперот Абдел Руатубјаје не е повеќе играч на чаирчани, соопшти клубот на социјалните мрежи. Причините за разделбата не се обелоденети, но секако дека ова е голем удар за Шкупи. Искусниот дефанзивец во неделата го одигра целиот натпревар против Силекс, кој тимот од Чаир го загуби со 2-1.
„Се разделуваме со важен играч. Придонесот за тимот секогаш беше важен како на теренот така и надвор од него. Дури и кога се збогуваме, твојата посветеност и пожртвуваност за овој клуб се секогаш ценети. Вратите на нашиот тим се отворени за тебе по завршувањето на кариерата. Клубот ти посакува успех во понатамошната кариера“, стои во објавата на Шкупи.
Руатубјаје беше дел од Шкупи во шампионската 2021/22 сезона, а потоа се пресели во Рајон Спорт, од каде во јануари се врати на „Чаир“.