Вработени во МАНУ повторно го активираа ланскиот штрајк

Дел од вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска повторно го активираа штрајкот што го почнаа лани во февруари, а го ставија во мирување еден месец подоцна.
Причината, како што информираше претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, е неисполнетото барање за покачување на платите на вработените, за што лани беше потпишана спогодба која требаше да се реализира до 31 декември истата година.
„Бидејќи од потпишаната спогодба не е исполнето, штрајкот повторно се активира и ќе трае сè до исполнување на нашето барање, а тоа е зголемување на платите на вработените“, изјави тој.
Тој апелира барањето на вработените кои штрајкуваат да го слушнат и другите надлежни институции во државата и да помогнат во решавањето на проблемот, а особено, додаде Деаноски, тоа се однесува на Собранието, кое е основач на МАНУ.
Истовремено тој ги обвини академиците и раководителите на организациските единици при Академијата дека наместо да преговараат со Синдикатот најмиле адвокатска канцеларија преку која комуницираат со вработените и чија единствена задача е да ги заплашат и да најдат начин да како да го забранат штрајкот.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече и дека откако било најавено активирањето на штрајкот дел од академиците веднаш почнале со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители на организациски единици во МАНУ почнале со пцости и навреди да им се обраќаат на штрајкувачите.