Антикорупциска бара Лукаревска кривично да одговора

Антикорупционерите поднесоа иницијатива до Јавното Обвинителство за кривично гонење на екс директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска. Иницијативата на антикорупциска за ОЈО да ја гони Лукаревска се однесува за кривично дело „Несовесно работење во службата“.
Антикорупциска:
„Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата е оформен предмет по поднесена пријава со наводи за прекршување на законските одредби во изборен процес во Управата за јавни приходи, со донесување на решенија за распоредување на вработени и склучени нови договори за вработување за 978 вработени во Управата за јавни приходи“.
Токму во врска пак со незаконски вработувања во УЈП во предизборие, пред само три дена на брифинг со новинарите извести и новата директорка на УЈП Елена Петрова. Во таа прилика, Петрова рече дека поранешната директорка Лукаревска постапила незаконски со тоа што донела одлука со која на вработените во февруари за време на изборен процес им биле раскинати старите договори, а потоа склучиле нови за повисоки плати со кои од административни службеници преминуваат во даночни, но само на хартија. Државниот инспекторат за труд потоа констатирал „незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори“ a на вработените им е наредено да ги вратат парите од покачувањето на платите.
„Јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка на УЈП во месец февруари ги откажа договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат да работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници. Поништувањето на оваа одлука сега значи поништување на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите што има свое влијание и врз платите исплатени на одредени вработени“, рече Елена Петрова директорка на УЈП.
Екс директорка Лукаревска, смета дека унапредувањето на вработените од административни во даночни службеници било направено согласно законот за УЈП. Таа додaде дека со тоа што вработените ги префрлиле во даночни службеници решиле „голем проблем“ во УЈП и доколку не го направеле тоа во законски рок, вработените можеле да тужат, а таа кривично да одговара.
Михаило Донев