По иницијатива на градоначалничката Арсовска, Ќосето се враќа во Скопје, овој пат на нова локација
По иницијатива на градоначалничката Арсовска, Ќосето се враќа во Скопје, овој пат на нова локација

Ова е новата локација каде треба повторно да се изгради споменикот на Андон Лазов – Ќосето. Откако во 2018 споменикот поставен кај комплексот судови беше отстранет, сега овде е поставена табла на која пишува дека ова е местото кадешто ќе биде изграден нов споменик.
Иницијативата за контроверзната историска личност Андон-Лазов Јанев – Ќосето повторно да добие споменик доаѓа по барање на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, овојпат на нова локација меѓу булеварите „Александар Македонски“ и „Беласица“. Лани пак, три дена пред Нова Година иницијативата беше изгласана од страна на советниците во Градот Скопје. Сепак, во одлуката на Советот за изградба на нов споменик, не е наведено колку ќе чини неговата изградба. Во таа прилика, со 23 гласа „за“, три „против“ и 7 „воздржани“, Советот донесе одлука споменикот на Ќосето повторно да никне во главниот град, откако пред шест години во мандатот на тогашниот градоначалник Петре Шилегов беше отстранет, со образложение дека станува збор за дивоградба. Биографијата на Ќосето од секогаш е тема на контроверзи и различни дебати во јавноста, со чие име се врзуваат бројни ликвидации во историското ВМРО, па едни го сметаат за херој, а за други тој е ладнокрвен убиец. Првиот споменик на Ќосето пред комплексот судови беше поставен ноќата меѓу 6 и 7 септември во 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Никој од претходните власти, ниту од неговите донатори, не излезе со образложение зошто споменикот на Ќосето во тој облик, и со нож во раката, беше поставен токму пред Врховниот суд, како и која е симболиката на тој чин. Министерството за култура тогаш утврди и бројни законски прекршувања при поставувањето на споменикот, меѓу кои ипрекршоци во Законот за поставување на спомен-обележја. Тогашното СЈО отвори истрага и за сите споменици кои беа поставени како донација од истото здружение. Ова здружение во владеењето на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ донираше уште четири споменици во Скопје, како оние на генералот Михајло Апостолски и револуционеритеПере Тошев, Ѓорѓи Сугарев и Никола Русински.Јавноста никогаш не дозна од каде ова здружение ги обезбедило средствата за изработка на спомениците./Алсат.мк
Михаил Донев