
Перспективите на државите кандидати за членство за ЕУ, покрај од нивните сопствени напори во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европската легислатива, во следните пет години ќе зависат и од тоа како Европската комисија и земјите членки на Унијата ќе одлучат да пристапат кон процесот на проширување, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
Какви ќе бидат тие перспективи ќе може да се насети уште во извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство, што треба да бидат објавени кон средината на следниот месец и во кои се очекува да бидат поставени насоките во кои овие држави ќе се движат во новиот мандат на институции на ЕУ.
Дипломатски извори посочуваат дека не е исклучено Албанија и де факто да ги започне пристапните преговори до крајот на годината, со што би била раздвоена од земјава, која е заглавена на европскиот пат од, како што наведува „Еуроактив“, „бугарските барања за промени на Уставот и хаотичната внатрешна состојба во Софија“.
Црна Гора би можела да се надева дека ќе затвори некои поглавја од преговорите во наредните месеци, откако нејзината нова Влада даде импулс на домашните реформи, со што била една од ретките земјите од Западниот Балкан што би остварила одреден напредок на европскиот пат.
Во извештаите се очекува и позитивен тон за напорите на Украина и Молдавија, чии скрининзи се очекува да завршат на почетокот на следната година, што не важи и за Грузија особено по одлуката на Брисел за замрзнување на средбите високо ниво со Тбилиси и на воената помош за земјата поради неодамнешното усвојување на законот за „странско влијание“, кој според ЕУ е изработен во „руски стил“. Сепак, состојбата би можела да се промени во зависност од исходот од парламентарните избори закажани за 26 октомври, од кои ќе зависат перспективите на грузискиот европски пат.