
Поради новите обилни врнежи што се очекуваат, синоптичарите на Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод го подигнаа нивото на предупредување за дубровничкиот регион на црвено.
Предупредуваат на можни обилни и изразени врнежи со грмежи и невреме, а можни се и урбани и поројни поплави, особено на места каде што денеска веќе наврнаа значителни врнежи.
Отстранувајќи ги последиците од невремето и обилните врнежи во Дубровничко-неретванската жупанија, пожарникарите извршија околу 40 интервенции за испумпување на водата од згради во областа Дубровник, Конавало, Плоче, Метковиќ и Оребиќ, соопшти Цивилната заштита, објави Вечерњи лист.
Исто така, жупанискиот центар 112 Дубровник добил пет пријави за свлечишта и десет за одрони, објавено е на Фејсбук на Цивилната заштита. Државниот пат ДК 8 Прапратно – Затон Доли од 11.05 до 16.10 часот е затворен за сите возила.
Цивилната заштита ги повикува граѓаните да бидат повнимателни.