
Извештајот на поранешниот италијански премиер и шеф на Европската банка, Марио Драги за европската економија го вклучи алармот за Европската унија, пишува во анализата на „Политико“.
Европа мора да инвестира двојно повеќе отколку што инвестираше во реконструкција по Втората светска војна, да се дозволи на пазарот да влезат повеќе технолошки и телекомуникациски компании и нивно спојување и да се преземат драстични мерки во однос на трошоците за одбраната, рече Марио Драги.
Во извештајот за тоа како да се запре економскиот пад на континентот, поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) рече дека Европа треба да инвестира дополнителни 800 милијарди евра годишно за да се извлече од ниската продуктивност и слабиот раст, со што заостанува зад САД и Кина во меѓународниот поредок. Тој го нарече тоа „егзистенцијален предизвик“.
Додека ЕУ се подготвува за следните пет години под новоинсталираната Европска комисија, извештајот на Драги од 400 страници треба да биде водилка во работата на реизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Многу од неговите препораки ќе треба да бидат прифатени од сите 27 влади на ЕУ, што не изгледа реално.
Проблемот дополнително се влошува со тешкотиите во двете најголеми земји во ЕУ. Германската економија е во надолна патека, а Франција е во средината на политичките поделби и оптоварена со висок јавен долг.