Мицкоски за преговорите со Бугарија: Да почекаме таму да се случи политичка Влада

Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија, истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој одговараше на прашањето за евроинтегративните процеси и дијалогот со соседна Бугарија.
Мицкоски потенцираше дека јавноста е доволно запознаена со позициите на Владата, како и со неговите лични позиции и како што вели, „не би коментирал ни чекор повеќе, ни чекор помалку“.
– Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени Парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега, изјави Мицкоски.