Почна собраниската постапка за измените на Законот за локална самоуправа

Собранието денеска при утврдување на дневниот ред на 14. седница со 69 гласа „за“, 17 „против“ и без воздржани, прифати по скратена постапка да се носи Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа. За законските измени постапката ќе продолжи во Комисијата за локална самоуправа и Законодавно-правната комисија, а за да се изгласаат потребно е двотретинско мнозинство.
Со предложените измени се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. По парламентарните избори во земјата и изборот за министри и пратеници, в.д градоначалници има во Аеродром, во Гостивар и во Сарај.